УЈП: Нема одлука за укинување на „Мој ДДВ“, но мерката не ги дала очекуваните резултати
14/01/2026 11:10
Нема донесена одлука, ниту официјална намера за укинување на мерката „Мој ДДВ“, изјави директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова, во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Не можам да кажам дека постои таква одлука. Но, кога станува збор за мерка со која се трошат јавни средства, мора да се анализира нејзината ефикасност и дали ги испорачува целите поради кои е воведена“, истакна Петрова.
Според податоците на УЈП, преку мерката „Мој ДДВ“ во 2025 година, на квартално ниво, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за просечно 502.000 корисници. Овој износ, како што појасни таа, континуирано расте од година во година, паралелно со зголемувањето на бројот на корисници и наплатата на даночните приходи.
„Во просек, за оваа мерка се издвојуваат околу 4 проценти од годишната наплата на приходите од ДДВ, што е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ приход“, објасни Петрова.
Мерката „Мој ДДВ“, воведена во 2019 година, имаше за цел намалување на сивата економија, при што секој граѓанин практично доби улога на даночен инспектор преку скенирање на фискални сметки. Сепак, според оценката на директорката на УЈП, резултатите не се на очекуваното ниво.
„Ако ја оценуваме мерката од аспект на борбата против сивата економија, состојбите на терен и анализите врз основа на сите расположливи податоци јасно покажуваат дека таа не го дала посакуваниот ефект“, нагласи Петрова.




