MKinformer

your daily dose of news

Обединетите нации одбележуваат 80 години од своето основање

24/10/2025 9:24

Обединетите нации денес го одбележуваат 80-годишниот јубилеј од стапувањето во сила на Повелбата на ОН – документот кој го постави темелот на најголемата меѓународна организација посветена на мирот, соработката и човековите права.

Повелбата на ОН беше потпишана на 26 јуни 1945 година во Сан Франциско, а официјално стапи во сила на 24 октомври истата година, по што овој датум подоцна беше прогласен за Ден на Обединетите нации.

По повод годишнината, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, порача дека светот денес се соочува со нови предизвици, но и потсети дека токму создавањето на Обединетите нации спречи појава на трета светска војна. „Осум децении подоцна, може да се повлече директна линија помеѓу создавањето на ОН и зачувувањето на светскиот мир“, рече Гутереш.

Во изминатите осум децении, ОН спроведоа над 30 договори за разоружување, отстранија повеќе од 55 милиони мини и одржуваат мировни мисии во 11 конфликтни подрачја низ светот. Организацијата има задача да гради меѓународен консензус, да го промовира одржливиот развој и да ги штити човековите права во повеќе од 90 земји.

Повелбата на ОН, со вкупно 111 члена поделени во 19 поглавја, ја дефинира структурата и принципите на организацијата, од Советот за безбедност и Генералното собрание до Меѓународниот суд на правдата и Економскиот и социјален совет. Основачките земји беа Велика Британија, Франција, САД, Советскиот Сојуз и Кина, а нивната визија произлезе од искуствата на Втората светска војна и потребата од создавање систем што ќе го спречи повторување на глобални конфликти.

Создавањето на ОН било подготвувано преку серија меѓусојузнички конференции, од Лондонската декларација во 1941 година, преку Атлантската повелба и Декларацијата на Обединетите нации во 1942 година, до преговорите во Дамбартон Оукс и Јалта во 1944 и 1945 година, каде била дефинирана денешната структура на организацијата.

Со својата долготрајна мисија за мир, солидарност и човеково достоинство, Обединетите нации и денес остануваат клучен симбол на меѓународна соработка и заедничка одговорност за иднината на човештвото.

error: Содржината е заштитена од копирање !!