ОН на раб на финансиски колапс: Гутереш предупредува дека организацијата може да остане без пари уштe летово
01/02/2026 12:24
Обединетите нации се соочуваат со сериозна финансиска криза и ризик од останување без ликвидни средства уште до средината на оваа година, предупреди генералниот секретар Обединети нации, Антонио Гутереш.
Во писмо испратено до земјите членки, Гутереш алармира дека акутниот недостиг на готовина е резултат на неплатени и задоцнети финансиски придонеси, како и на постоечки буџетски правила кои ја ограничуваат флексибилноста на организацијата во управувањето со средствата.
Според податоците наведени во писмото, вкупниот износ на неплатени обврски достигнал рекордно ниво, што директно ја загрозува способноста на ОН да ги финансираат своите основни функции, вклучително мировните мисии, хуманитарните операции и работата на специјализираните агенции.
Гутереш предупредува дека доколку не дојде до итна промена, организацијата ќе биде принудена на дополнителни кратења на трошоците, одложување на активности и ограничување на функционирањето на одредени тела и програми. Тој ги повика државите членки навремено и целосно да ги подмират своите финансиски обврски, нагласувајќи дека стабилното финансирање е предуслов за ефикасно делување на ОН.
Финансиската состојба на Обединетите нации е под уште поголем притисок во услови на зголемени глобални кризи – од вооружени конфликти и хуманитарни катастрофи, до климатски промени и здравствени закани, што дополнително ја зголемува потребата од сигурна и предвидлива поддршка од земјите членки.






