Зимски ред на летање на аеродромите во Скопје и Охрид
26/10/2025 11:19
Од викендов стапува во сила зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/26 година. Од скопскиот аеродром ќе има редовни летови кон 49 дестинации со 17 авиокомпании, како и 13 чартер линии, додека од охридскиот аеродром се предвидени пет дестинации што ќе ги опслужуваат три компании, соопштија од ТАВ Македонија.
Во новата сезона, која трае до крајот на март, двата македонски аеродроми ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации. Девет од нив ќе ги опслужува „Виз Ер“ со владини субвенции, меѓу кои се новите линии од Скопје до Бари, Стокхолм, Мадрид и Прага, како и од Охрид до Базел. „ИзиЏет“ пак, на 3 ноември ја враќа линијата до Женева.
Во март следната година се додаваат уште три рути: Скопје – Будимпешта, Скопје – Неапол и Охрид – Милано.
ТАВ Македонија најави дека преговара за воспоставување нови директни линии со Данска, Финска и земјите од Блискиот Исток, како и за проширување на мрежата кон Шпанија и Обединетото Кралство.
Во првите девет месеци од годинава, двата аеродрома опслужиле над 2,5 милиони патници, што е зголемување од 6% во споредба со минатата година.




