Скопскиот аеродром доби „Ниво 3“ акредитација за управување со јаглеродни емисии
16/01/2026 14:31
Меѓународен Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групација АДП, се стекна со престижната „Ниво 3“ акредитација за управување со емисии на јаглерод.
Акредитацијата е доделена од Меѓународен совет на аеродроми (ACI), во рамки на глобалната програма Airport Carbon Accreditation (ACA), и претставува признание за преземените мерки за намалување и оптимизација на јаглеродните емисии во работењето на аеродромот.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека ова признание е јасна потврда за посветеноста на компанијата кон одговорно управување со животната средина и примена на најдобрите меѓународни практики во одржливото воздухопловство.
„Достигнувањето на Ниво 3 за Меѓународниот Аеродром Скопје е значаен чекор во намалувањето на јаглеродното влијание и унапредувањето на енергетската ефикасност, со цел обезбедување одржлива иднина за македонското воздухопловство“, изјави Курт.
Сертификацијата „Ниво 3“ потврдува дека аеродромот не само што ги мери и намалува сопствените емисии, туку активно ги вклучува и партнерите во управувањето со јаглеродниот отпечаток. За постигнување на ова ниво, спроведени се низа мерки, меѓу кои: програми за енергетска ефикасност и мониторинг, замена на осветлувањето со LED системи, оптимизација на греењето и климатизацијата, користење хибридна аеродромска опрема, зголемување на обновливите извори на енергија и заеднички иницијативи со авиокомпаниите.
Генералниот директор на ACI EUROPE, Оливие Јанковец, оцени дека постигнувањето на Ниво 3 за помалку од една година е значајна пресвртница во процесот на декарбонизација на скопскиот аеродром и чекор поблиску до целта за нето-нулта емисии до 2050 година.
Со ова достигнување, Меѓународниот Аеродром Скопје се усогласува со целите на ТАВ Аеродроми за јаглеродна неутралност до 2030 година и целосни нето-нулта емисии до 2050 година на ниво на целата групација.






