Кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, се најде под сериозен сомнеж на ДКСК
30/10/2025 17:51
Кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, се најде под сериозен сомнеж на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), откако јавно вети бесплатни медицински услуги за граѓаните во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Антикорупционерите за БИРН потврдија дека отвориле предмет и ќе испитуваат дали оваа болница, каде Лукровски го даде своето ветување, е донатор на неговата кампања. Според Изборниот законик, компаниите можат да донираат до 30 илјади евра, а донација се смета и давањето услуги без надомест.
„Настанот очигледно претставува активност во рамките на изборната кампања, спроведена во приватно правно лице со користење на неговите ресурси“, стои во реакцијата на ДКСК.
Во контроверзното видео, Лукровски ветува дека, доколку стане градоначалник, по десет жени над 50 години секој месец ќе добиваат бесплатни прегледи за остеопороза во „Систина“. Со него на снимката се и медицински лица, меѓу кои националниот координатор за здравство д-р Ристо Симеонов, истовремено член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и дел од тимот на болницата.
Симеонов дополнително најавува бесплатни прегледи за школски деца доколку Лукровски победи, што отвора уште поголеми дилеми околу тоа кој ќе ги финансира овие активности, општината или приватната компанија.
Противкандидатот на Лукровски, актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, остро реагираше и го обвини за класичен предизборен поткуп. Од Јавното обвинителство, пак, потсетуваат дека секој што се сомнева во поткуп може да пријави, а институциите ќе постапат.
Иако слични ветувања за социјални програми се дел и од други кампањи, во овој случај посебно загрижува фактот што конкретна приватна болница директно се поврзува со изборен кандидат и можни донации, што, според експертите, може да ја премине линијата помеѓу „општествена одговорност“ и недозволено влијание.






