Алкалоид добил речиси 6 милиони евра тендери од клиники кои го промовираа Лукровски
31/10/2025 22:41
Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје, каде што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, работи како раководител на оддел за продажба и маркетинг, добила речиси шест милиони евра од тендери доделени од неколку државни клиники.
Како што објави Инфомакс, вкупната вредност на договорите изнесува околу 360 милиони денари, а дел од институциите што ги склучиле договорите се управувани од директори кои јавно го поддржаа Лукровски во неговата изборна кампања.
Според објавените податоци, „Алкалоид“ добил тендери од:
-
Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – 1.503.650 денари;
-
ГОБ „8 Септември“ – 65.476.082 денари;
-
Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 36.058.332 денари;
-
Универзитетската клиника за психијатрија – 785.545 денари;
-
Универзитетската клиника за очни болести – 66.668.983 денари;
-
Клиниката за хематологија – 190.994.976 денари;
-
Клиниката за дерматологија – 4.949.315 денари;
-
Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – 3.041.898 денари.
Овие клиники, како што наведува Инфомакс, биле меѓу оние чии директори се појавија во промотивни видеа со поддршка за Лукровски.
Објавените бројки и поврзаноста меѓу тендерите и политичката кампања отвораат прашања за транспарентноста и евентуалните судири на интереси во јавните набавки во здравството.
Извор: Инфомакс.мк






