MKinformer

your daily dose of news

ДИК ги одби сите приговори за локалните избори во Карпош, Шуто Оризари и Брвеница

06/11/2025 23:00

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница ги разгледа и едногласно ги одби сите 16 приговори поднесени за постапките на гласање и сумирање на резултатите од локалните избори во трите општини – Брвеница, Шуто Оризари и Карпош.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека утре ќе бидат изготвени поединечни одлуки за секој приговор и доставени до подносителите.

„ДИК ќе ги почека законските рокови за евентуални тужби до Управниот суд во наредните 24 часа. Доколку има тужби, судот е должен да постапи во рок од 48 часа. Тоа значи дека најдоцна до крајот на викендот ќе ги имаме и конечните одлуки“, изјави Кондарко.

Најмногу приговори – вкупно 13, се однесуваат на Општина Шуто Оризари: 10 поднесени од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и три од Сојузот на Роми. Сите се одбиени како неосновани.

Во Општина Карпош беа одбиени два приговори поднесени од коалицијата „Искуство за успех“, а во Брвеница беше отфрлен приговорот на кандидатот за градоначалник Хаќим Рамадани поради правни недостатоци.

Доколку во законскиот рок не се поднесат тужби до Управниот суд, ДИК веднаш ќе ги објави конечните резултати од локалните избори во овие три општини.

error: Содржината е заштитена од копирање !!