Ѓоргиевски: Го чекам Обвинителство да дојде во Град Скопје имам документи за сериозен криминал
07/11/2025 11:23
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека до него пристигнала нова информација поткрепена со документи, која укажува на можни незаконитости во работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
„Дополнително има една информација која што стигна денеска до мене, поткрепена секако со документи, а повикувам вечерва да надлежните институции постапуваат, а тоа е дека биле ангажирани возила изминатиов период за чистење во Комунална хигиена и истите возила се плаќани на име на физички лица кои што земале интелектуални услуги во износ од пет до десет илјади евра,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека очекува надлежните институции да се вклучат и детално да го испитаат случајот, додавајќи дека ќе има одговорност и ревизии.
„Повикувам да се вклучат институциите одговорни и надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизии и од вечерва практично ве информирам и вас дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во Комунална хигиена,“ изјави градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека во наредните денови ќе се направат проверки и во останатите јавни претпријатија под надлежност на Градот Скопје, со цел да се утврди дали има неправилности и во другите институции.






