MKinformer

your daily dose of news

Од денеска во Скопје стапува во сила забраната за фрлање смет од 22:00 до 06:00 часот

17/11/2025 9:52

Од денеска во Скопје стапува во сила новата одлука со која се забранува фрлање отпад во периодот од 22:00 до 06:00 часот. Градските власти најавија засилени ноќни контроли, при што инспекторите и комуналните редари ќе патролираат низ сите населби, дури и по полноќ, со цел да ги санкционираат прекршителите.

За граѓаните кои ќе ја прекршат забраната, предвидена е казна од 50 евра, додека правните лица ќе се соочат со значително повисоки санкции од 1.300 до 1.800 евра, а во одредени случаи и повеќе, зависно од видот на отпадот.

Од ЈП „Комунална хигиена“ појаснуваат дека мерката е особено насочена кон фирмите, кои најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови, создавајќи дополнителни проблеми за одржување на јавната чистота.

Во ноќните контроли се вклучени 40 градски инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Прекршоците ќе се казнуваат на лице место, а доколку биде забележан отпад од поголеми размери или сомнителен по вид, ќе следат подетални проверки кај правните субјекти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!