Вонредна состојба во Преспа: поплави, висок водостој и екипи на терен
21/11/2025 18:58
Вонредна ситуација е прогласена на подрачјето на Општина Ресен поради обилните врнежи што предизвикаа излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени. Според информациите од РЦУК – Ресен, поплавени се над 50 куќи, магацински простори, визби и големи површини земјоделско земјиште.
Поплави се регистрирани и во селото Долна Бела Црква, каде Голема Река излегла од коритото. Нејзиниот водостој моментално изнесува 210 сантиметри, што претставува сериозен ризик за дополнителни излевања.
На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни компании со механизација. Вкупно седум пумпи за испумпување вода и повеќе багери работат на расчистување и спречување на понатамошни штети.
Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените куќи и објекти.
Од ЈП „Македонија пат“ информираат дека на повеќе патни делници има наноси од земја и кал, кои се расчистуваат според приоритетните точки за безбедно одвивање на сообраќајот.





