Вонредна состојба по обилните врнежи: Излевања, поплави и затворени патишта низ Македонија
10/01/2026 10:48
ЦУК објави вонредна информација за состојбата со обилните врнежи од дожд на територијата на Република Македонија, заклучно со 09:00 часот.
Во повеќе региони се евидентирани излевања на реки, поплавени земјоделски површини, оштетена инфраструктура и интервенции на терен.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во селото Грдовци има излевање, каде што Водостопанство Брегалница интервенира со тешка механизација. Механизацијата е сè уште на терен, а од понеделник ќе започне чистење на речното корито од Грдовци кон Оризари, со цел спречување на идни поплави.
Сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е нормализиран. На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони, каде што интервенира Македонијапат.
Битола
Во населбата Стрчин, КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја. Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини, но без опасност по објектите. Во селата Жабени и Породин се поплавени ниви, а ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река. Елешка река исто така е излеана, но нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Во Ресен се пријавени поплави на земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање јаболка. Нивото на Голема река е намалено од 2,20 на 1,40 метри. Ангажирани се екипи од локалната самоуправа, Македонијапат и ЈКП Пролетер, а состојбата е оценета како нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи, водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на Црна река кај селото Бучин е покачено, но водата е повлечена од претходно поплавените места. Екипи на ЈП Комуна, ТППЕ Крушево и општинските служби работат на зајакнување на насипите.
Демир Хисар
Локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Локацијата е обезбедена од надлежните служби.
Прилеп
Во селото Лажани е пријавена штета кај еден жител поради поплавен двор, приземни простории и оштетување на тутун. Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали. Во двата случаи интервенирала градежна механизација.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен, но сообраќајот е забранет од СВР Тетово од безбедносни причини. Патните правци кон селата Жерма и Бродец се проодни. Состојбата во селото Стримница, општина Желино, се следи континуирано.
Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните известувања, особено во критичните подрачја.




