MKinformer

your daily dose of news

Вонредна состојба поради поплави во Македонија: Евакуирани 220 лица во Кичево

16/02/2026 10:15

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни поплави во повеќе региони низ државата. Според информациите на ЦУК до 08:30 часот, најкритична е состојбата во Полошкиот и Југозападниот регион.

Форино најпогодено во Полошко

Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипите на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ поради обилните врнежи и поплавувањата. Најтешка е состојбата во селото Форино, кое е најпогодено од излевањето на водата.

Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.

Евакуација на 220 лица во Кичево

Во Југозападниот регион, во Кичево, најголемо поплавување е регистрирано на улица „Прилепска“, каде се поплавени повеќе куќи. Евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала Христо Узунов.

Заезерувања се пријавени и на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, каде се поплавени подруми во повеќе домови. Поплавени се и објекти на болницата во градот.

Со поддршка на Црвен крст се организира дистрибуција на храна и вода за погодените. На терен се ангажирани и екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.

Излевање на реки во Липково и Куманово

Во Североисточниот регион, во Општина Липково, дел од селото Опае е погоден од излевање на Слупчанска река, при што се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети. Поплавени ниви има и во селото Оризаре.

Во Куманово, кај локацијата Шупли Камен во селото Доброшане, се забележани насобрани пластични шишиња кај мостот на Кумановска река, но засега нема опасност од излевање.

Минимално излевање на Вардар кај Зелениково

Во Скопскиот регион, во Општина Сарај, состојбата е стабилна и се следи. Во Општина Зелениково е регистрирано минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.

Одрон и прекин на струја

Во Југоисточниот регион, во Струмица, нема пријавени штети од дождот. Сепак, евидентиран е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и надлежните служби се известени.

Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин на електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол. Екипи на ЕВН Македонија работат на отстранување на дефектот.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните известувања додека состојбата се стабилизира.

error: Содржината е заштитена од копирање !!