Расте бројот на деца со респираторни инфекции: „Козле“ со над 100 прегледи дневно
22/11/2025 18:08
Во Македонија е забележан значителен пораст на респираторни инфекции кај децата, а најголем удар трпат претшколските и школските малолетници. Во Детската болница „Козле“ секојдневно се вршат повеќе од сто прегледи, а најчестите симптоми со кои родителите ги носат децата на лекар се висока температура и отежнато дишење.
Д-р Љуљета Мустафа Рамадани од болницата информира дека расте и бројот на хоспитализации кај деца со потешка клиничка слика.
„Имаме зголемен број на хоспитализации кај пациентите што имаат потреба од болничко лекување. Најпрво даваме антибиотска терапија за дома доколку се работи за бактериска инфекција, а оние кои имаат потреба од кислород и дополнителна грижа ги хоспитализираме. Во моментот кај нас се хоспитализирани шеесетина пациенти“, изјави таа.
Лекарите предупредуваат дека загадениот воздух дополнително ги влошува симптомите кај децата, особено кај оние со хронични респираторни заболувања. Есенскиот период е особено критичен и за децата со астма и алергии.
„Сега веќе и алергиите и астмите се активни. Есента е карактеристична за тие пациенти. Сите што имаат астма треба редовно да ја примаат препорачаната терапија за да не дојде до влошување“, додава д-р Мустафа Рамадани.
Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, само за една недела регистрирани се 117 случаи на грип и грипоподобни заболувања. Најголем број заболени има во Гостивар, Куманово и Тетово.






