ЦУК: Стабилизирана состојбата со обилните врнежи, водостоите во опаѓање низ целата држава
23/11/2025 12:31
Централниот оперативен штаб при ЦУК информира дека состојбата со обилните врнежи кои деновиве го зафатија поголемиот дел од земјата е целосно стабилизирана. Според најновите информации, повеќе нема излевања на реките во Ресен, Битола и Демир Хисар, а нивото на водата значително опаднало и продолжува да се намалува.
Одронот на патниот правец Битола – Кичево, кај селото Железнец, е целосно расчистен и сообраќајот се одвива нормално.
Во Охрид, каде претходно имаше навлегување вода во подруми и дворови, надлежните служби интервенираа навремено. Каналите се расчистуваат, а водостоите се во благо опаѓање.
ЦУК соопштува дека нема пријавени нови нарушувања на состојбата во Скопје, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе, Струмица, Тетово и Куманово. Сите региони се оценети како стабилни, без излевања на реките и без опасност за населението.



