Шумски чувар фатен на дело: Издавал документи за нелегално дрво од државни шуми
24/11/2025 14:21
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против 54-годишниот Б.Т. од селото Смојмирово, поради сомнение дека како шумски чувар сторил „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според истрагата, пријавениот, кој бил задолжен да врши прием на дрвни сортименти од приватни шуми и да издава испратници за транспорт, во повеќе наврати издавал службени документи – приемници за сеча, приемници за дотур и испратници за превоз – за вкупно 38,43 кубни метри дрвна маса. Тој тоа го правел иако, како што се тврди, свесно знаел дека дрвото не потекнува од приватни парцели, туку од државни шуми во сопственост на Република Северна Македонија.
Со ваквите дејствија, според МВР, чуварот овозможил нелегална сеча и транспорт на дрво преку злоупотреба на службената документација. Предметот е целосно документиран и ќе продолжи постапката пред надлежните институции.





