MKinformer

your daily dose of news

Јужна Кореја ни донираше 8 електрични возила и полначи во вредност од 440.000 долари

24/11/2025 22:56

Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, оствари значајна средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, Ким Донгбае, акредитиран во Софија. Разговорите беа насочени кон јакнење на билатералните односи, развојната помош и можностите за нови заеднички проекти во клучните области од заемен интерес.

Муртезани ја истакна долгогодишната и континуирана поддршка од јужнокорејската влада, нагласувајќи ја последната грант-помош вредна околу 440.000 американски долари, преку која беа набавени осум електрични возила и осум полначки станици за здравствените инспекторати.

Министерот потсети и на грантот од минатата година, кој значително ја подобри ИТ-инфраструктурата во Министерството за европски прашања, што е од голема важност за дигитализацијата и модернизацијата на институциите.

Како институција одговорна за хоризонтална координација на странската помош, МЕП игра клучна улога во насочувањето, контролната рамка и стратешкото користење на поддршката од Европската Унија и останатите меѓународни партнери.

На средбата беше потенцирана и успешната соработка меѓу царинските управи на двете држави. Првата фаза од заедничкиот проект, вредна околу 700.000 долари, овозможи поддршка на малите и средни бизниси и развој на е-трговијата. Во тек е и втората фаза – инвестиција од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици, што ќе придонесе за поквалитетни услуги, побезбедна трговија и поголема ефикасност.

И двете страни оценија дека има голем потенцијал за идни партнерства, особено во дигиталната трансформација, иновациите, економската соработка и новите развојни програми. Средбата заврши со заедничка заложба за продлабочување на односите и отворање на нови можности за инвестиции и заеднички проекти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!