„Ербас“ приземјува 6.000 авиони поради ризик од сончева радијација
29/11/2025 9:59
Европскиот авиопроизводител „Ербас“ најави привремено приземјување на околу 6.000 авиони ширум светот, откако истрага за неодамнешен инцидент открила дека силната сончева радијација може привремено да влијае врз компјутерите за контрола на летот. Од компанијата појаснуваат дека најголемиот дел од леталата ќе бидат вратени во употреба по кратко софтверско ажурирање, додека кај постарите модели ќе бидат потребни посериозни интервенции.
Проблемот бил откриен по инцидент на лет на „ЏетБлу“ од САД кон Мексико, кога авион ненадејно изгубил висина и морал итно да слета во Флорида. Во настанот биле повредени најмалку 15 патници.
Кои авиони се засегнати?
Засегнати се авиони од семејството А320, моделите А318, А319, А320 и А321.
-
За околу 5.100 авиони проблемот ќе се реши со стандардно софтверско ажурирање што трае околу три часа.
-
Околу 900 постари летала ќе бараат физичка замена на компјутерски делови, што ќе значи подолго приземјување.
Прекини и одложувања ширум светот
Од „Ербас“ признаваат дека мерката ќе предизвика значителни нарушувања во сообраќајот и се извинија до авиокомпаниите и патниците.
„Ер Франс“ е меѓу најпогодените, утрово биле откажани околу 50 летови од и кон Париз. Во САД, „Американ ерлајнс“ соопшти дека 340 од нивните авиони се засегнати, поради што се очекуваат бројни одложувања.
Што е причината?
Проблемот произлегува од специфичен сегмент на софтверот за пресметка на висината кај авиони од серијата А320. На големи височини, интензивната сончева радијација во одредени услови може привремено да ги наруши податоците што ги обработува системот.
Инцидентот од октомври, кога авион нагло загубил висина, е првиот познат таков случај. И покрај тоа, „Ербас“ се реши за превентивно приземјување за да се гарантира максимална безбедност.
Од компанијата уверуваат дека ажурирањето ќе се одвива брзо и дека најголемиот број авиони наскоро ќе се вратат во нормален сообраќај.






