MKinformer

your daily dose of news

Крај на една ера: Згасна ТВ СОНЦЕ, последниот патриотски медиум на Македонија

01/12/2025 8:41

УРЕДНИЧКИ КОМЕНТАР


ЗГАСНА „ТВ СОНЦЕ“, МЕДИУМОТ ШТО ГО ОСВЕТЛУВАШЕ МАКЕДОНСКИОТ ДУХ

Постои тишина што не е обична. Тишина што не доаѓа од прекин на програмата, туку од прекин на една ера. Деновиве тивко се затвори една од последните светилки на македонскиот медиумски простор, Националната и сателитска телевизија „ТВ Сонце“. И со тоа, згасна и последниот медиум кој 16 години (колку што има зраци македонското Сонце од Кутлеш) стоеше исправен, непокорен и непоколеблив во својата мисија: да ја чува Македонија, македонскиот идентитет и вистината.

„ТВ Сонце“ не беше само медиум. „ТВ Сонце“ беше чувар. Бранител. Глас што не се подлизуваше, не подлегнуваше, не молчеше. Телевизија создадена од неделникот „Македонско Сонце“, со визија и душа од нејзиниот сопственик г-дин Ѓорѓија Џорџ Атанасовски, човек што најсилно го носеше Македонизмот во срцето, иако животот го однел далеку преку океанот. Како иселеник кој никогаш не се пресели духовно, Атанасовски го создаде единствениот македонски медиум што никогаш не ги предаде идеалите за кои живее македонскиот народ.

„ТВ Сонце“ беше исклучок во сивилото на притисоци, финансиски зависности и партиски диктати. Единствен медиум кој не беше врзан за ниту една политичка партија. Единствен медиум кој не зеде ниту денар од државниот буџет. Единствен медиум кој имаше храброст да ги критикува сите, кога македонските интереси беа повредени.

Затоа ѝ беше последниот вистински патриотски медиум.

Во време кога многумина молчеа, „Сонце“ зборуваше. Кога други се повлекуваа, „Сонце“ одеше на првата борбена линија. Во 2001 година известуваше од фронтот, објавувајќи ги вистините за кои многумина немаа храброст. Не го прифати променетото државно знаме, туку гордо го носеше 16-зрачното Сонце од Кутлеш како свое лого и како идеал. Не ја поддржа територијалната поделба. Не го прифати наметнатото ново име на државата. Беше медиумот што ја поддржа македонската воља за бојкот на референдумот, затоа што држеше до една единствена, неповторлива вистина: Македонија е една и нема резервна.

„ТВ Сонце“ беше дом на македонската култура, музика, уметност, спорт. Продуцираше фестивали, промовираше таленти, зачувуваше народна песна и дух. Беше мост меѓу Македонците дома и оние разселени ширум светот, мост што никој друг медиум не го градел толку искрено и посветено.

Но после сите притисоци, по долгогодишната битка со институции, политики и молк, сопственикот Атанасовски ја донесе најтешката одлука … по последните локални избори, телевизијата да се затвори. Со тоа, Македонија изгуби повеќе од телевизија.

Изгуби стожер.
Изгуби глас.
Изгуби светлина што не беше само медиумска, туку национална.

Денес, кога екраните се затемнети, во тишината што остана можеме да ја чуеме најгласната порака: Македонија изгуби медиум што не ја продаваше својата совест.

Згасна ТВ Сонце, Сонцето што ги поврзуваше Македонците каде и да се.

Но идејата зад него, онаа што ја носеше Џорџ Атанасовски и сите што работеа таму со љубов, не може да се згасне. Сонцето само накратко може да исчезне, но секогаш повторно се раѓа.

Пишува

Борислав Стиолковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!