Истражување: Колку пари годишно чини одгледување дете во Македонија
02/12/2025 18:30
Да се одгледува дете во Македонија чини од 150 до 200 илјади денари годишно, што претставува околу 12–16 илјади денари месечно, покажува истражувањето на „Центарот за еднаквост и правда“, спроведено на примерок од 650 родители со деца од различни возрасни групи. Според нив, ова се основните трошоци неопходни за пристоен и стабилен живот.
Резултатите укажуваат дека најголеми финансиски оптоварувања имаат семејствата со бебиња и тинејџери, бидејќи за овие групи се потребни најмногу средства за квалитетно живеење, образование и пристап до услуги.
Како што истакнува Катерина Шапкова Коцевска:
„Она што го заклучивме кај нас го потврдуваат и истражувањата на други држави… семејствата што имаат бебиња и тинејџери имаат потреба од најмногу финансиски ресурси“.
Иако државата тврди дека детското образование е бесплатно, анализата покажала дека постојат бројни скриени трошоци – униформи, учебници, материјали за градинки, хигиена и други давачки кои сериозно го оптоваруваат семејниот буџет. Неда Чалловска Димовска појаснува:
„Анализата исто така покажа дека за услугите за кои државата тврди дека се бесплатни… има многу скриени трошоци“.
Родителите кои учествувале во истражувањето сметаат дека државната поддршка е недоволна, а со зголемување на бројот на деца, расте и ризикот од сиромаштија во семејството. Затоа, од „Центарот за еднаквост и правда“ бараат посериозен државен ангажман во демографските политики и ревизија на моделите за поддршка на семејствата.






