Во Брисел уапсена Федерика Могерини, се сомничи за корупција
02/12/2025 15:31
Федерика Могерини, која од 2014 до 2019 година ја извршуваше функцијата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, е приведена во Брисел како дел од истрага за измама што ги опфаќа Колеџот на Европа и Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), пренесуваат белгиските медиуми.
Могерини, која моментално е ректор на Колеџот на Европа, беше уапсена во рамки на поширока полициска акција што вклучуваше рации во ЕЕАС во Брисел, во седиштето на колеџот во Бриж, како и во приватни домови. Според сведоци и лица запознаени со случајот, акцијата е поврзана со сомнежи за злоупотреба на европски средства.
Полицијата одзела документи и привела повеќе лица кои ќе бидат испрашувани под сомнение за „измама во јавните набавки, корупција и судир на интереси“.
Според информациите на „Еурактив“, околу десетина полицајци влегле во седиштето на ЕЕАС во вторник утрото во 7:30 часот, што беше потврдено и од официјален претставник на институцијата.
Истрагата се однесува на периодот 2021–2022 година, кога ЕЕАС и Колеџот на Европа наводно злоупотребиле европски средства во рамки на проектот за новата Дипломатска академија на ЕУ – годишна програма за обука на европски дипломати во Бриж.
Истражителите разгледуваат дали Колеџот на Европа или негови претставници имале пристап до доверливи информации за јавниот тендер преку кој ЕЕАС обезбедил финансирање од 654.000 евра за академијата.
Посебно внимание се посветува на околностите околу купувањето на зграда во Бриж за 3,2 милиони евра, во која се сместуваат учесниците на програмата. Зградата била купена во време кога институцијата се соочувала со финансиски потешкотии, непосредно пред објавата на тендерот – нешто што истражителите го сметаат за потенцијален показател за пристап до претходни, доверливи информации.
Колеџот на Европа, основан во 1949 година, важи за најпрестижна институција за обука на европски дипломати, а меѓу неговите поранешни студенти се високи функционери и политички лидери од цела Европа.
Истрагата продолжува, а белгиските власти засега не откриваат детали за можниот правен епилог.





