MKinformer

your daily dose of news

Путин: Русија ќе преземе целосна контрола врз украинскиот регион Донбас со сила доколку украинските сили не се повлечат

04/12/2025 16:35

Украина категорично одбива да отстапи територии што Русија не успеала да ги освои на бојното поле, а претседателот Володимир Зеленски истакна дека Москва не смее да биде наградена за војна што самата ја започнала.

Реакцијата доаѓа по изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, дадена за „Индија денес“, во која тој порача дека Русија ќе преземе целосна контрола врз Донбас доколку украинските сили не се повлечат:
„Или ќе ги ослободиме овие територии со сила на оружје или украинските сили ќе ги напуштат овие територии.“

Москва го интензивира наративот за целосно преземање на регионот, кој ги опфаќа областите Донецк и Луганск, каде конфликтот трае уште од 2014 година. Украина, пак, нагласува дека нема намера да се откаже од преостанатите околу 5.000 квадратни километри од Донецк што остануваат под нејзина контрола.

Во моментов Русија контролира приближно 19,2% од украинската територија, вклучувајќи ги Крим, Луганск, 80% од Донецк, најголеми делови од Херсон и Запорожје, како и помали делови од Харков, Суми, Николаев и Днепропетровск. Референдумите што Москва ги организираше во 2022 година за припојување на тие региони, Западот и Киев ги сметаат за нелегитимни.

Во исто време продолжуваат дипломатските контакти. Путин ги прими американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер и оцени дека дел од американските предлози за можен мировен договор биле прифатливи за Москва. Разговорите, според него, треба да продолжат врз основа на иницијативите разгледувани уште на средбата со претседателот Доналд Трамп во Алјаска.

Останува неизвесно дали дипломатските напори ќе доведат до прекин на огнот или ќе продолжи ескалацијата околу Донбас – регион што останува клучна точка на судир меѓу двете страни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!