СДСМ обвинува: Семејната фирма на директорот на СОЗР, Томовски добила тендери од над 5,3 милиони евра
06/12/2025 11:20
Во СДСМ денеска повторно изнесоа сериозни обвинувања, тврдејќи дека високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ преку тендери присвојувале милионски износи од јавни средства. На прес-конференцијата беше соопштено дека семејната фирма поврзана со актуелниот директор на СОЗР, Ивица Томовски, во изминатиот период добила тендери во вредност од над 5,36 милиони евра.
Според објавеното, фирмата која првично работела под името „Сити логистик“, основана од Витомир Томовски — татко на директорот — а управувана од нивни роднина, Слободан Кутановски, подоцна го променила името во „Сити аутсорсинг“, но задржала иста адреса и ист матичен број на субјект.
Од СДСМ тврдат дека токму со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт фирмата забележала експлозивен раст, зголемувајќи го обемот на работа за 306 проценти само во 2024 година.
Во обвинувањата беше потенцирано и дека во текот на 2025 година фирмата добила дополнителни 10 тендери вредни околу 500.000 евра, а дека вкупно склучила 161 договор со државни институции и со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Важно е што фамилијарните бизниси течат“, стои меѓу пораките на СДСМ, кои најавија продолжување на серијата објави и нови информации во следните прес-конференции.
Пратеничкиот клуб на СДСМ порача дека нивниот Антикорупциски тим (АКТ) продолжува да работи со „полна пареа“ и дека, како што велат, граѓаните даваат поддршка во борбата против корупцијата.







One thought on “СДСМ обвинува: Семејната фирма на директорот на СОЗР, Томовски добила тендери од над 5,3 милиони евра”
Comments are closed.