Денес се празнува Свети Меркуриј: Небесниот војник и чудотворец
07/12/2025 10:12
Во времето на цар Декиј, кога Римското царство водело жестоки битки против варварите, во војската служел и ерменскиот војвода Меркуриј — познат по неговата храброст и оданост. Според преданието, во клучен момент од битката пред него се јавил Ангел Божји, му подал меч и му објавил победа. Охрабрен од небесната сила, Меркуриј со извонредна храброст ги совладал непријателите, па царот Декиј го унапредил во прв војвода.
Но неговиот успех предизвикал завист. Меркуриј бил обвинет дека е христијанин — нешто што, наместо да го негира, тој смело го признал пред царот. Поради својата вера бил подложен на тешки и долготрајни мачења: од телото му сечеле каиши со ножеви, го гореле со оган, а потоа го фрлиле во затвор. Таму, како што се запишува во житијата, Ангел Божји повторно му се јавил и целосно го исцелил.
Кога мачењата не го скршиле, Декиј наредил Меркуриј да биде погубен со меч во Кападокија. По неговото убиство, телото му побелело како снег и ширело мирис на темјан. Неговите мошти станале извор на многубројни исцеленија, а христијаните го прославуваат како еден од најсветлите Христови војници. Свети Меркуриј пострадал меѓу 251 и 259 година.






