АХВ започна втора кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило. Апел за внимателно движење во природа
08/12/2025 12:23
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со втората овогодинешна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило.
Кампањата ќе се спроведува до крајот на месец декември со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип, а е финансиски поддржана од Европската здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA). Вредноста на поддршката за период од три години, која ги опфаќа пролетните и есенските кампањи, изнесува околу 2,5 милиони евра.
Вакциналните мамки ќе се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина. Вкупно ќе бидат дистрибуирани околу 450 илјади мамки, а активностите ќе завршат на крајот на декември, во зависност од временските услови.
Од АХВ апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење во природа и да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Тие се направени од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во секоја мамка има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило и биолошки маркер, тетрациклин, кој служи за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
Доколку граѓаните дојдат во контакт со мамките, задолжително е миење на рацете со вода и сапун. При евентуална повреда од капсулата, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.
За време на кампањата се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, со цел да се избегне нивен контакт со мамките. Од АХВ информираат дека вакцината не е штетна за домашните миленици, но посебно внимание се апелира до ловците и сопствениците на ловечки кучиња, имајќи предвид дека во овој период е активен ловот на дивеч.
Три недели по завршување на кампањата, по новогодишните празници, ќе биде спроведен поствакцинален мониторинг преку ловните друштва, со цел лабораториски да се утврди успешноста на имунизацијата кај лисиците.
Македонија ја започна програмата за орална вакцинација против беснило во 2011 година. Оттогаш се регистрирани вкупно девет случаи на беснило, а од 2012 година, кога е потврден последниот случај кај домашна мачка во Радовишко, во земјава не се евидентирани нови случаи кај домашните животни.
Овогодинешните кампањи се реализираат за прв пат по пауза од три години, односно по последната акција спроведена во есента 2022 година. Втората кампања е одлучена поради појавата на случаи на беснило во неколку европски земји, со цел навремена превенција и заштита на јавното здравје.





