MKinformer

your daily dose of news

ЕУ трајно ги замрзна 210 милијарди евра на руската централна банка

11/12/2025 22:25

Европската Унија донесе одлука на неодредено време да ги замрзне 210 милијарди евра што ги поседува Руската централна банка, потег кој според ЕУ треба да спречи можни меѓународни обиди средствата да бидат одмрзнати пред Москва да плати воени репарации на Украина. Како што пренесува „Еуроњуз“, одлуката е донесена поради стравувања во Брисел дека САД во идни мировни преговори би можеле да се обидат да го користат рускиот капитал како дел од договорот со Кремљ, со што би се изгубила европската контрола над средствата.

Долгорочното замрзнување беше формално одобрено од амбасадорите на земјите-членки, кои се повикаа на член 122 од Договорот за ЕУ, алатка што овозможува одлуките да се носат со квалификувано мнозинство и без можност за вето од поединечни држави или Европскиот парламент.

Новата регулатива спречува поврат на замрзнатите 210 милијарди евра кон Руската централна банка. Околу 185 милијарди евра се наоѓаат во системот Euroclear во Брисел, а преостанатите 25 милијарди евра се чуваат во приватни финансиски институции. Досега, замрзнувањето се обновуваше двапати годишно во рамките на стандардниот санкциски режим, што често создаваше ризик од блокади.

Европската комисија објасни дека активирањето на член 122 е оправдано поради „сериозното економско влијание“ од руската инвазија врз земјите во Унијата, вклучувајќи пореметувања во снабдувањето, раст на ризиците, забавени инвестиции и хибридни напади.

Во документот се наведува дека средствата ќе останат блокирани сè додека активностите на Русија „не престанат да создаваат значителен ризик“ за економијата на ЕУ и сè додека Москва не ѝ исплати надомест на Украина „без негативни економски последици“ за Унијата. Одмрзнувањето ќе биде можно само повторно со квалификувано мнозинство.

„Членот 122 во суштина ги поставува овие средства на поодржлив правен темел“, изјави европски дипломат. „Европскиот совет веќе има донесено политичка одлука дека тие треба да останат замрзнати додека Русија не плати отштета“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!