АХВ изрече казни и забрани за „Зимзоленд“ поради небезбедни услови за продажба на храна
12/12/2025 14:41
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при вонреден инспекциски надзор на манифестацијата „Зимзоленд“ утврди сериозни пропусти во работењето. Според надлежните, организаторот воопшто не бил регистриран како оператор со храна, ниту ја известил Агенцијата дека на настанот ќе се врши продажба и подготовка на храна.
Од АХВ наведуваат дека при контролата биле констатирани бројни хигиенски неправилности, поради што се изречени санкции:
„Поради неисполнети хигиенски услови, изречени се парични казни“, информираат од Агенцијата.
Дополнително, инспектори на терен утврдиле дека на штандовите не биле исполнети ниту основните услови за безбедна подготовка и промет на храна.
„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице организатор на манифестацијата ‘Зимзоленд’. Нему покрај парична казна, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна“, стои во соопштението.
Со ова, АХВ практично ја стопира подготовката и продажбата на храна во рамки на „Зимзоленд“ сè до исполнување на пропишаните стандарди. Овој случај доаѓа по други инспекциски реакции кон манифестацијата, која изминативе денови е под лупа поради низа административни и безбедносни неправилности.





