Општина Аеродром нареди демонтажа на „Зимзоленд“: Базарот работел без дозволи, со нерегистрирана дејност и небезбедни услови
11/12/2025 19:17
Општина Аеродром официјално започна постапка за отстранување на Божиќниот базар „Зимзоленд“, кој речиси две недели работел без дозволи, лиценци и било каква валидна документација. Иако вчера општината тврдеше дека не е надлежна, денеска признава дека организаторите немале ниту еден потребен документ, поради што ќе следи комплетна демонтажа на поставената опрема.
Од Аеродром информираат дека бил извршен вонреден координиран инспекциски надзор, во кој учествувале Градежната инспекција, Пазарниот инспекторат, Инспекторатот за труд и Дирекцијата за заштита и спасување. Градежниот инспектор отпочнал постапка врз основа на Законот за градење и Законот за инспекциски надзор за отстранување на целиот поставен луна-парк.
Инспекциите откриле повеќе неправилности. Државниот пазарен инспекторат затекнал лица кои вршеле нерегистрирана дејност, додека сопствениците на базарот биле повикани да достават целосна документација за тоа кој управува со „Зимзоленд“.
Дополнителни проблеми биле утврдени и од Агенцијата за храна и ветеринарство, која констатирала дека организаторот не бил регистриран како оператор со храна и воопшто не пријавил дека ќе се врши продажба на прехранбени производи. Поради неисполнетите минимални хигиенски стандарди, изречени се парични казни и временa забрана за производство и промет со храна.
Во меѓувреме, МВР интервенирало во Ново Лисиче поради значителниот сообраќаен хаос што го предизвикува дивиот луна-парк.






