Дел од скопски Карпош без вода, градежна фирма скина доводна цевка
15/12/2025 11:22
ЈП „Водовод и канализација“ Скопје информира дека денеска (15.12.2025) е прекинато водоснабдувањето во дел од градот поради оштетување на водоводна цевка, предизвикано од интервенција на приватна фирма.
Дефектот се случил на улицата Будимпештанска бр. 20, поради што без вода останаа корисниците од улиците Будимпештанска, Хашка, Осло, Љубица Ѓеорѓиева, Урош Џудовиќ, како и дел од улицата Женевска.
Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштуваат дека прекинот започнал во 09:30 часот и ќе трае сè до целосна санација на дефектот, по што водоснабдувањето ќе биде нормализирано.
Надлежните служби работат на терен за што побрзо отстранување на проблемот.


