MKinformer

your daily dose of news

Скопје во празничен дух: Вечерва се отвора новогодишната програма на плоштадот

15/12/2025 16:02

Со свечено осветлување на новогодишната елка и отворање на Божиќниот маркет вечерва во 18 часот на плоштадот Македонија, официјално започнува празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.

Како што истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, целта на програмата е главниот град да се позиционира како современа европска метропола со континуирана и разновидна празнична содржина за сите генерации.

„Денес во 18:00 часот, во срцето на градот, свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен Божиќниот маркет. Со ова симболично го означуваме почетокот на празничните случувања и правиме значаен чекор напред кон визијата Скопје да се развива рамо до рамо со европските градови“, изјави Ѓорѓиевски.

Во периодот од 15 до 31 декември, секојдневно од 18 часот, граѓаните ќе можат да уживаат во богата програма со музички настапи, диџеј сетови и уметнички изведби. Посебен акцент, како што нагласи градоначалникот, е ставен на децата и семејствата.

„За првпат Скопје нуди континуирана празнична програма. Секој викенд од 12:00 до 14:00 часот, содржините се наменети за најмладите, со анимации, работилници и интерактивни активности, додека вечерните часови се резервирани за младите и возрасните“, рече Ѓорѓиевски.

Централниот дел од програмата започнува на 27 декември, во соработка со Државната лотарија на Македонија, со настапи, празнични забави и награди. Во програмата ќе учествуваат и средношколски бендови од сите средни училишта во Скопје, а годинава сите настапи ќе бидат од македонски изведувачи.

Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со настапи на Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона и други македонски музички имиња.

За најмладите, од 27 до 30 декември се предвидени детски програми, театарски претстави, маскоти и поделба на новогодишни пакетчиња, а на 27 декември во 12 часот Дедо Мраз ќе ги пречека децата на плоштадот Македонија.

Во однос на трошоците, Ѓорѓиевски посочи дека единствениот трошок за Град Скопје е украсувањето, кое изнесува помалку од 70.000 евра. Тој нагласи дека програмата е наменета за сите граѓани и повика на обединување, истакнувајќи дека „музиката не познава вера и нација“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!