Важно за возачите: Од утре може да ги коригирате контакт-податоците за „Безбеден град“
17/12/2025 0:04
МВР ги информира граѓаните дека од утре, 17 декември 2025 година, ќе можат да поднесуваат барања за промена или корекција на контакт-податоците кои ги имаат доставено при регистрација на своите возила. Ова ќе може да се направи на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, сместен во зградата на МТВ во Скопје (приземје).
Шалтерот ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот, а услугата е наменета за сите граѓани кај кои има настанато промена на контакт-информациите или кои добиле известувања со неточни податоци.
Истата постапка ќе може да се реализира и преку станиците за технички преглед на возила низ целата држава, каде што е распореден деташиран референт од Министерството за внатрешни работи.
Дополнително, граѓаните ќе можат да доставуваат писмени забелешки, прашања или пријави за евентуални проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“ преку електронската пошта bezbedengrad@moi.gov.mk.
Од надлежните информираат дека сите пристигнати забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел подобрување на системот и поефикасна комуникација со јавноста.






