ПУТИН: Русија ќе ги постигне сите свои цели во Украина, особено територијалните, Русија не е закана за Европа
17/12/2025 19:07
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија сигурно ќе ги реализира своите цели во Украина, вклучително и територијалните барања, оценувајќи дека тврдењата од дел од европските земји оти Москва претставува закана се „целосно апсурдни“.
На состанок со раководството на Министерството за одбрана, Путин нагласи дека целите на, како што ја нарече, „специјалната воена операција“ ќе бидат исполнети без оглед на околностите.
„Нашата земја претпочита дипломатско решение и елиминирање на длабоките причини за конфликтот, но доколку Украина и нејзините западни покровители одбијат суштински преговори, Русија ќе ги постигне своите цели преку воени средства“, порача Путин.
Тој предупреди дека во случај на целосен прекин на мировните разговори, Москва ќе продолжи со преземање на териториите кои ги смета за свои цели во Украина.
Изјавите на рускиот претседател доаѓаат во момент кога се водат интензивни дипломатски напори предводени од Соединетите Американски Држави за ставање крај на војната.
Путин остро ги отфрли наративите од Западот за наводна руска закана кон Европа, оценувајќи ги како намерно создавање паника.
„Тврдењата за руска закана за Европа се лаги и бесмислици. Оваа хистерија се создава свесно, со цел да се оправда милитаризацијата и политиките што не се во интерес на народите“, рече тој.
Рускиот лидер оцени дека геополитичката ситуација е исклучително напната и дека во одредени региони веќе достигнала критично ниво. Според него, земјите-членки на НАТО интензивно ги модернизираат своите офанзивни капацитети, вклучително и развој на нови системи за вооружување и во вселената.
Путин повтори дека Украина зад себе ја има целосната поддршка на НАТО, преку воена помош, инструктори, разузнавачки информации и присуство на странски платеници.
„И покрај тоа, руските вооружени сили покажуваат висока борбена подготвеност и ја задржуваат стратешката иницијатива долж целата линија на фронтот“, изјави Путин, додавајќи дека руската армија успешно ги исцрпува и најелитните украински единици обучувани во странство.
Тој најави дека Русија има капацитет дополнително да го зголеми темпото на офанзивните операции, да ја прошири таканаречената „тампон-зона“ во Украина и дека новиот систем „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност до крајот на годината.



![Трамп: Без мене Русија ќе ја имаше цела Украина, Европа без САД нема вистинско одвраќање tramp1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/08/tramp11.jpg)