Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица и двајца општински службеници за штета од 668 илјади денари
18/12/2025 13:13
СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против три лица, поранешниот градоначалник на општината К.К. (35), раководителот на Секторот за финансиски прашања Б.Ш. (64) и раководителката на Одделението за администратирање на приходи И.Г. (54), поради сомневање за сторени кривични дела поврзани со несовесно работење и злоупотреба на службената положба.
Според полицијата, И.Г., постапувајќи спротивно на Законот за даноците на имот, во четири наврати незаконски ги пречекорила своите овластувања, изготвувајќи решенија за даночно ослободување при продажба на станови од станбена куќа со класификација А1. Ослободувањето било доделено врз основа на член 25 од Законот, но тој член се однесува само на станбени згради и станови со номенклатура А2.1, а не на станбени куќи А1.1, како во конкретниот случај.
Дополнително, во три од четирите решенија, И.Г. се потпишала и во полето „Потврдил – контролирал“, иако контролорот Б.Ш. бил отсутен.
Во пријавата стои дека Б.Ш., како раководител на Секторот за финансиски прашања, и поранешниот градоначалник К.К. постапиле несовесно и не извршиле должен надзор, со што ги потпишале спорните решенија подготвени од И.Г. без да утврдат дека се спротивни на закон.
Со овие постапки, според СВР Струмица, била причинета штета врз буџетот на општината во износ од 668.388 денари.
Предметот е предаден на Основното јавно обвинителство Струмица за понатамошно постапување.






