MKinformer

your daily dose of news

По реакцијата на јавноста, дека Стефан Кирков ќе управува со ЗОО, Градот пресече, Катерина Костова назначена за в.д. директорка на ЗОО Скопје

18/12/2025 20:11

По шпекулациите дека Зоолошката градина ќе ја води Стефан Кирков, Град Скопје избра вработена од внатре, Костова доаѓа по период обележан со угинување на животни и губење на меѓународен статус.

Катерина Костова е назначена за вршител на должност директорка на Зоолошката градина – Скопје, дознава МК ИНФОРМЕР од изводи од установата. Таа доаѓа на местото на Зоран Попов, кадар на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, во чиј мандат ЗОО Скопје беше погодена од серија скандали и угинување на десетици животни.

Назначувањето на Костова е избор на новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. МК ИНФОРМЕР се обиде да добие официјална потврда од Град Скопје за тоа дали формално е завршена постапката за назначување, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Ова кадровско решение доаѓа откако во јавноста се појавија информации дека со ЗОО Скопје ќе раководи Стефан Кирков, за кого медиумите објавија дека бил осуден за измама поврзана со животни. Ваквите најави предизвикаа реакции кај дел од активистите и јавноста, кои сметаа дека е несоодветно вакво лице да ја води институцијата.

Вработени во Зоолошката градина за МК ИНФОРМЕР велат дека Костова е дел од установата повеќе од седум години и дека досега ја извршувала функцијата лице задолжено за пристап до информации од јавен карактер.

Зоолошката градина во Скопје во изминатите години беше честа мета на критики поради угинувањето на жирафа, слон, лама и мајмун од расата Патас, случаи кои предизвикаа бурни реакции во јавноста и сериозно го нарушија угледот на установата.

Во 2023 година, ЗОО Скопје го загуби и кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА). Како неофицијални причини тогаш беа наведени прекин на комуникацијата со ЕАЗА, двегодишна стагнација во работењето, неизградениот аквариум и честото менување директори, што дополнително го отежна процесот на набавка на нови животни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!