Возачите со три забрани во четири години ќе останат без дозвола од 1 февруари
19/12/2025 1:00
Собранието ги усвои законските измени потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“, со исклучок на Законот за прекршоци кој допрва треба да биде донесен. Најголемата новина стапува во сила од 1 февруари 2026 година: секој возач кој во период од четири години ќе добие три правосилни забрани за управување возило од иста категорија, автоматски ќе ја загуби возачката дозвола.
Судот ќе ја одземе дозволата, а прекршителот нема повторно да смее да полага возачки испит најмалку една година. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочува дека во тест-периодот на системот е забележано значително намалување на бројот на прекршоци.
Од февруари, казнувањето преку „Сејф Сити“ ќе започне и во Куманово, Тетово и долж коридорите 8 и 10, а системот треба да стане национален до крајот на 2026 година. Граѓаните велат дека ќе мора да се прилагодат на новите правила и построгата контрола.
Измени се предвидени и во Законот за возила. Секој сопственик кој ќе промени телефонски број или е-маил адреса ќе мора да ги ажурира податоците во рок од три дена. Во спротивно, ќе следи глоба од 100 евра за физички лица, додека за правните лица казните ќе зависат од нивната големина.






