Тошковски откри детали за „Безбеден град“: Брзо возење носи забрана
01/02/2026 14:20
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во дневникот на Македонска национална телевизија појасни како ќе се применуваат санкциите во рамки на системот Безбеден град, со посебен фокус на повеќекратните прекршоци и можностите за доброволно плаќање на казните.
Тошковски истакна дека законската регулатива предвидува јасни и прецизни механизми за санкционирање, при што секој возач може да направи прекршок, но сериозното и значително надминување на дозволената брзина повлекува строги последици.
„Доколку, на пример, на место каде што е дозволена брзина од 50 километри на час, возач управува со над 90 километри на час, се изрекува и забрана за управување со моторно возило. Тоа значи дека во одреден временски период лицето нема да може да управува ниту со сопственото, ниту со друго возило од таа категорија“, појасни министерот.
Тој нагласи дека системот овозможува и доброволно прифаќање на одговорноста, што носи конкретни поволности за граѓаните. Доколку казната се плати во рок од осум дена, се плаќа само половина од износот. Дополнително, ако во рок од 16 дена граѓанинот ја плати казната и го признае прекршокот, Министерство за внатрешни работи може да изрече забрана за управување под законскиот минимум.
„Ако за одреден прекршок е предвидена минимална забрана од три месеци, во случај на доброволно плаќање и признавање, таа може да биде намалена, на пример на 45 дена. Ова го воведовме за да ги мотивираме граѓаните, кога постојат јасни докази, да не влегуваат во долги судски постапки“, истакна Тошковски.
Министерот додаде дека системот „Безбеден град“ функционира врз основа на видео-записи и фотографии како докази, што обезбедува висока точност при утврдување на прекршоците. Граѓаните имаат право да поведат судска постапка, но во таков случај не можат да ги користат поволностите за намалување на санкциите.
„Целта не е казнување по секоја цена, туку зголемување на одговорноста во сообраќајот. Системот е поставен пред сè за заштита на човечки животи“, порача Тошковски.
Проектот „Безбеден град“ се смета за еден од клучните чекори во унапредување на сообраќајната дисциплина, дигитализација на постапките и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.




