MKinformer

your daily dose of news

Град Скопје издаде мерки и препораки поради надминат праг на загадување со ПМ10 честички

19/12/2025 19:24

Град Скопје објави серија мерки и препораки за заштита од загадениот воздух, откако Министерството за животна средина утринава информира дека прагот на алармирање за ПМ10 честички е надминат на мерните станици во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.

Врз основа на законските обврски и прописите за квалитет на воздухот, градските власти ги упатија следните задолженија и препораки.
Сите јавни установи треба итно да ја проверат исправноста и ефикасноста на системите за греење и ладење. ЈП „Комунална хигиена“ ќе го зголеми чистењето и миењето на улиците, а општините треба да постапат слично на сопствените територии.

Граѓаните се повикуваат, секогаш кога температурите се над нулата и има техничка можност, да користат климатизација или инвертер-системи наместо печки на цврсто или течно гориво. Инсталациите што користат енергенси треба да работат согласно европските еко стандарди.

Сопствениците на објекти се потсетуваат да ги проверат уредите за греење и при идни инвестиции да избираат технологии со ниски емисии. Се препорачува користење на јавен превоз, намалено користење на автомобили без реална потреба и предност за car-sharing. Институциите и компаниите треба да го ограничат користењето на службени возила и при идни набавки да планираат електрични, хибридни или нискоемисиони возила.

Градежната механизација треба да ги избегнува часовите со најголем метеж – од 7:30 до 8:30 и од 15:30 до 17:00 часот.

Препораки за заштита на населението:

Граѓаните, особено чувствителните групи, да го ограничат престојот на отворено; да се избегнуваат спортски активности на отворено; средните училишта да ја проверат функционалноста на прочистувачите, а општините да извршат контрола во градинките.

Инспекциски надзори и теренски контроли:

Најавени се засилени надзори врз инсталациите со Б интегрирани дозволи и елаборати, градежните места за спречување прашина, како и контроли за диви депонии и палење отпад.

Ќе се контролираат дозволите за дотур на стока (важечки од 18:00 до 7:30 часот), техничката исправност на возилата со зголемени емисии и почитувањето на режимот за тешки товарни возила кои мора да ја користат обиколницата доколку не се упатуваат во Скопје.

Градот информира дека инспекторите за животна средина, комуналната инспекција и редарската служба секојдневно вршат надзори на критични локации, а веќе се изречени и казни согласно Законот за управување со отпад, Законот за амбиенталниот воздух и Законот за животна средина.

Како последна препорака, граѓаните се повикуваат да избегнуваат употреба на огномети и пиротехника за време на празниците заради заштита на здравјето, околината и безбедноста на луѓето и животните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!