Православните христијани го празнуваат Свети Никола – ден исполнет со традиции, верувања и посни обичаи
19/12/2025 10:57
Православните верници денес го одбележуваат празникот Свети Никола, една од најзастапените семејни слави кај Македонците и меѓу најпочитуваните празници во православниот свет. Често се вели дека „половина народ слави, половина е на гости“, што најдобро го опишува обемот и значењето на овој ден.
Празникот е длабоко вкоренет во народната традиција и проследен со многу верувања и обичаи кои се пренесуваат од генерација на генерација. Свети Никола се смета за строг, но праведен заштитник, па според народните верувања на неговиот ден особено треба да се внимава на однесувањето и на почитувањето на семејните и духовните правила, за да се избегнат немир, болест или несреќа во домот.
Според старите обичаи, на Свети Никола не се препорачува да се пере, чисти или да се извршуваат потешки домашни работи. Се избегнува користење остри предмети како ножеви, ножици и секири, бидејќи се верува дека со нив се „сече“ среќата и мирот во домот за наредната година.
Во различни краишта на Македонија се задржале карактеристични практики. Во јужните региони традиционално се прават шарени колачи во форма на птици, кои се носат за благослов во црква и потоа се делат на децата и гостите. На многу места се сее и божиќна пченица како симбол на бериќет и добра година.
Дарувањето деца со мали подароци и слатки е чест обичај, а народното верување вели дека простувањето долгови на овој ден носи благосостојба и духовен спокој.
Свети Никола, кој се празнува на 19 декември, секогаш паѓа во период на божиќни пости, поради што славската трпеза е посна – рибата е речиси секогаш задолжителен дел од празничниот ручек. Во народната свест, тој е заштитник на патниците, морнарите, сиромашните и децата, а се слави како чудотворец и покровител на сите што му се обраќаат со вера.






