Денеска е летен Свети Никола: Православните верници го слават Преносот на моштите на свети Николај
22/05/2026 8:41
Православните верници денеска, на 22 мај, го одбележуваат празникот Пренос на моштите на свети Николај, чудотворец Мирикијски, во народот познат како летен Свети Никола.
Иако календарски празникот не паѓа во лето, во народната традиција е наречен „летен“ поради убавото време што најчесто го следи овој период.
Повеќето верници повеќе го празнуваат зимскиот Свети Никола, кој секоја година е на 19 декември, но денешниот ден има посебно значење во православната црковна традиција. Станува збор за спомен на денот кога моштите на свети Николај биле пренесени од Мира Ликиска во Бари, во Италија.
Според преданието, моштите биле пренесени во 1087 година за да се заштитат од нападите на муслиманите во Ликија, област во Мала Азија. Во текот на тој пат, според црковните записи, биле забележани повеќе чуда, а се верува дека многу болни биле исцелени при допир со моштите и со мирото што истекувало од нив.
По три години, во Бари била изградена црквата „Свети Николај – Чудотворец“, каде што биле положени неговите свети останки.
Во народното верување, Свети Никола е заштитник на патниците, морепловците и водите. Поради тоа, кај нас празникот често се поврзувал со заштита од поплави, дождови и други непогоди.
Во минатото, на овој ден рибарите во Дојран не влегувале во чуновите, а во Охрид постоело верување дека оној што ќе се најде во вода на празникот, ќе мора „да остане таму за да празнува“.
Во црковниот календар денот е означен со црни букви. Тоа значи дека не спаѓа во најголемите празници, но сепак се смета за ден кога треба да се избегнуваат тешки физички работи. Во народната традиција се верувало дека домаќинките не треба да перат, чистат и да извршуваат потешки домашни обврски.
Летниот Свети Никола и денес се празнува во многу домови, како ден на вера, почит и молитва кон еден од најпочитуваните светители во православието.






