Загина турист во несреќа со жичарница на Дурмитор
20/12/2025 18:59
Едно лице загина, а друго е тешко повредено во тешка несреќа што се случи на жичарницата кај Савин Кук на планината Дурмитор во Црна Гора, кога странски туристи паднале од корпата на ски-лифтот.
Според информациите објавени од црногорските медиуми, три лица останале заглавени во корпите на жичарницата на непристапен терен, а спасувачките екипи и персоналот на ски-центарот веднаш започнале со интервенција за нивно извлекување и доставување ќебиња поради ниските температури.
Црногорското државно обвинителство нареди итно запирање на работата на жичарницата додека трае истрагата за утврдување на причините за трагедијата. Полицијата и надлежните служби се на местото на настанот и вршат увид.
Според првичните информации, несреќата се случила на пострмен дел од жичарницата, при што корпата во која се наоѓале германски туристи почнала да се лизга наназад и удрила во друга корпа. Мажот починал на лице место, додека повредената жена била свесна и комуникативна и ѝ била укажана итна медицинска помош.
Неофицијално, се сомнева на дефект на жичарницата број два која води кон Савин Кук. Според достапните информации, жичарницата е стара околу 35 години и, како што пренесуваат медиумите, на трасата недостасува еден столб, што дополнително ја зголемува сериозноста на безбедносните пропусти.
Истрагата треба да утврди дали несреќата е резултат на технички дефект, човечка грешка или долгогодишно занемарување на безбедносните стандарди во еден од најпосетуваните ски-центри во регионот.






