Али Ахмети реизбран за лидер на ДУИ, нов генерален секретар Арбер Адеми, најавен „Национален договор за напредок“
21/12/2025 9:44
Али Ахмети е реизбран за претседател на Демократската унија за интеграција на петтиот партиски конгрес, на кој беа избрани и нови раководни структури. Арбер Адеми е избран за генерален секретар на партијата, додека Фатон Ахмети стана потпретседател.
За потпретседатели на ДУИ се избрани и Бујар Османи, Еркан Арифи, Арбана Пашоли и Арта Билали-Зендели.
Во своето обраќање на Конгресот, Ахмети најави нов „Национален договор за напредок“ и порача дека е потребен целосен ветинг под меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години. Тој се заложи и за воведување „извршен Бадентер“ при избор на Владата, како и примена на истиот принцип во Уставниот суд, заедно со нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Ахмети порача:
„Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Затоа предлагаме три клучни мерки за правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија… избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер.“
Дополнително, ДУИ ја поддржува иницијативата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и работата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека правдата мора да биде неселективна.






