Коалицијата ВРЕДИ: ДУИ да го почне ветингот од Ахмети, објавете колку пари има на сметка
22/02/2025 11:30
„Пред да го лажете народот, започнете со ветинг на Али Ахмети! Ако немате храброст за тоа, тогаш вашата ‘борба против криминалот’ е само нова измама. Граѓаните веќе ја препознаваат вашата игра – ДУИ и криминалот се едно исто“, реагираше Коалицијата Вреди преку соопштение.
ДУИ конечно се сетиле дека треба да се чистат од криминал. Конечно пронајдоа каде е криминалот, соопшти Вреди.
„ДУИ, партијата која цели 20 години ги третираше Албанците како основа за фамилијарни бизнис интереси, сега најавува ‘ветинг’ – прочистување на функционерите од криминал и корупција. Одлично! Конечно ја препознаа потребата да се исчистат самите од себе. Но, ако навистина се сериозни, нека започнат од својот лидер – Али Ахмети!“, стои во соопштението.
Оттаму поставуваат неколку прашања до ДУИ:
Како Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, без да вложи ни денар, стана косопственик на трговскиот центар „Соравија” во Скопје, вреден 30 милиони евра? Ако овој ветинг е вистински, објавете ги договорите, финансиите и банките што го финансирале ова „чудо”.
Како фирмата „Тор Индустриес” на Дрин Ахмети добива милионски договори како подизведувач на Коридорот 8 и патот Кичево-Дебар? Колку од тие милиони се враќаат во партиските џебови?
Зошто Министерството за економија, предводено од Крешник Бектеши, не ја укина концесијата на „Еверест ЏД”, иако фирмата на Дрин Ахмети експлоатирала минерални суровини нелегално? Наместо санкција, добил нови тендери!
Како Бесиан Ахмети, друг внук на Али Ахмети, со само 10 месеци искуство доби висока дипломатска функција во Брисел? Па не сме знаеле дека талентот за дипломатија е наследен по крвна линија!
Зошто Шкумбин Ахмети, синот на Али Ахмети, кој дипломирал на тетовскиот универзитет како архитект, сега управува фирма за производство на струја и со братучедите планира да изгради фотоволтаична централа од 60MW, вредна 35 милиони евра? Дали овие проекти се дел од „зелената агенда” на ДУИ или само од нивните зелени банкноти?
„Ако ДУИ навистина сака ветинг, нека започне од сопствените редови. Нека објават колку пари има на сметка Али Ахмети, неговото семејство и блиските соработници. Нека докажат како овие луѓе, кои никогаш не работеле ништо освен политика, се трансформираа во мултимилионери. Но, ние знаеме дека ова е само уште една лажна претстава. ДУИ ќе зборува за ветинг, но нема да го допре сопствениот криминал. Ќе се кријат зад празни изјави, додека зад кулисите продолжуваат со истите коруптивни шеми. Затоа, пред да го лажете народот, започнете со ветинг на Али Ахмети! Ако немате храброст за тоа, тогаш вашата ‘борба против криминалот’ не е ништо друго освен нова измама. Граѓаните веќе ја препознаваат вашата игра – ДУИ и криминалот се едно исто!“, се наведува во соопштението на Вреди.





