MKinformer

your daily dose of news

Драги Книга во „Претрес“: Идејата за Данела за градоначалник е на Горан Минчев од 2019

25/12/2025 2:34

Во вечерашното издание на емисијата „Претрес“, гостин е Драги Митковски, личност која со години, според сопственото сведочење, се движела на линијата меѓу бизнисот, политиката и институциите на системот. Разговорот не е промоција на книга, туку јавно сведочење за механизмите на одлучување зад затворени врати и за тоа кој реално ја има моќта во државата.

Посебен акцент е ставен на неговата соработка со поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, како и на периодот во кој, според тврдењата, се случувале сериозни институционални блокади, контроверзни тендерски постапки, притисоци и внатрешни судири во рамките на Град Скопје. Во емисијата се отвораат прашања за тоа кој навистина управувал со процесите и како ескалирал конфликтот што довел до целосен распад на односите.

Митковски, познат и како Драги Книга, за Арсовска вели дека била „залудно потрошено време и промашен проект“, додавајќи дека таа била затворен тип на личност и дека голем дел од кадровските решенија во Град Скопје биле негови предлози.

Тој тврди дека идејата Данела Арсовска да биде кандидат за градоначалник уште во 2019 година дошла од актуелниот министер Горан Минчев, со поддршка од Златко Милевски, а дека таа идеја му се допаднала и на Христијан Мицкоски. Според Митковски, поранешниот премиер Никола Груевски немал никаква улога во нејзината кандидатура.

Во емисијата, Митковски зборува и за драматичниот конфликт меѓу Арсовска и Мицкоски, кој, како што вели, кулминирал околу проектот за пречистителната станица, по смената на сегашниот министер Златко Перински. Тој тврди дека по раскинувањето на односите, Арсовска изразила отворени закани дека ќе го „лежела“ Мицкоски, што дополнително ја продлабочило политичката и институционалната криза.

Сведочењето во „Претрес“ отвора сериозни прашања за функционирањето на локалната власт, одговорноста за институционалниот хаос во Град Скопје и начинот на кој политичките конфликти се пренесуваат врз граѓаните и јавните интереси.

error: Содржината е заштитена од копирање !!