MKinformer

your daily dose of news

Минчев остро до СДСМ: Договорот со синдикатите е историски

08/02/2026 22:36

Министерот за јавна администрација Горан Минчев, гостувајќи во емисијата Тема на денот во Дневникот на Сител ТВ, остро реагираше на критиките од опозициската СДСМ во врска со постигнатиот договор меѓу Владата и синдикатите, оценувајќи ги како неосновани и политички мотивирани.

„Од начинот на кој СДСМ го коментира овој договор, можам да кажам дека води една нихилистичка и самоуништувачка политика. Владата во континуитет носи решенија со кои се опфатени сите вработени каде што државата е работодавач – полицијата, одбраната, здравството, образованието, а сега и околу 11 илјади вработени во јавната администрација, за кои е факт дека платите беа навистина ниски“, изјави Минчев.

Тој нагласи дека Министерство за јавна администрација, во координација со Министерство за финансии, а под водство на претседателот на Владата, повеќе од една година водело интензивен социјален дијалог со репрезентативните гранкови синдикати УПОЗ и САДУ.

„Денеска е постигнат историски договор со кој платите на вработените во јавната администрација, кои со години беа на ниско ниво, до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година ќе пораснат до 40 проценти, вклучувајќи ги и редовните годишни усогласувања“, потенцираше министерот.

Минчев додаде дека со овој договор се заокружува процесот на зголемување на платите во јавниот сектор, каде што Владата е работодавач, и дека станува збор за системско и одговорно решение.

Во однос на барањата за минимална плата од 600 евра, министерот оцени дека тие се нереални и финансиски неодржливи, нагласувајќи дека минималната плата се утврдува преку договор меѓу работодавачите и синдикатите во рамки на Економско-социјален совет. Тој предупреди дека прифаќањето на вакви барања може да предизвика сериозни економски и социјални последици и за јавниот и за приватниот сектор.

„Оваа Влада води одговорна политика која ги штити и работниците и економската стабилност на државата, за разлика од популистичките и дневнополитички пристапи“, порача Минчев.

error: Содржината е заштитена од копирање !!