MKinformer

your daily dose of news

Нова ера за ски-центарот Маврово: „Ресорт Маврово“ доби нов сопственик, стартува инвестициски циклус

25/12/2025 13:09

Со завршувањето на вчерашното јавно наддавање, целосно се финализирани сите правни и финансиски процедури поврзани со продажбата на поголемиот дел од ски-центарот Маврово. Компанијата „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“, во сопственост на Љубе Кутлешоски, ги исполнила сите обврски од купопродажниот договор за „Ресорт Маврово“.

Ова официјално го потврди и ВД градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше Онер Јакупоски, кој по средбата со новиот сопственик истакна дека со ова започнува нов развоен период за еден од најзначајните зимски туристички капацитети во државата.

„Со завршувањето на оваа постапка се отвора пат за нов инвестициски циклус и долгорочен развој на Маврово како современа и конкурентна туристичка дестинација“, беше заклучено на средбата.

Новиот сопственик информирал дека се направени сите неопходни технички и организациски подготовки за успешен почеток на зимската сезона. Скијачките патеки и опремата се во целосна функционална состојба, а хотелските капацитети се подготвени за прием на туристи.

Во наредните денови, како што беше најавено, во целосна функција ќе бидат ставени сите хотели во рамки на „Ресорт Маврово“ – Спорт, Смрча и Лоџ, со што ќе се обезбеди квалитетно сместување и комплетна туристичка понуда.

Јакупоски изрази задоволство од сериозниот и одговорен пристап на инвеститорот, нагласувајќи дека Општина Маврово и Ростуше ќе биде активен партнер во сите идни проекти кои ќе придонесат за развој на туризмот и отворање нови работни места.

„Влезот на капитал од дијаспората, конкретно од Австралија, има огромно значење за локалната економија. Подготвеноста на ски-центарот и хотелите за старт на сезоната е силен сигнал дека Маврово повторно се позиционира како лидер во зимскиот туризам“, изјави Јакупоски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!