MKinformer

your daily dose of news

Без нови рудници нема кој да ги замени старите

02/07/2026 14:22

Пад на производството и намалување на бројот на рудари, рударството бара нов инвестициски циклус

Секторот се соочува со исцрпување на резервите и намалување на вработеноста, додека проектот „Иловица-Штука“ чека реализација

Производството во рударството опаѓа

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека производството во секторот „Рударство и вадење камен“ во мај е пониско за 3,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Ова е уште еден сигнал дека македонското рударство има потреба од нов инвестициски циклус.

Во меѓувреме, некои од постојните рудници се приближуваат кон исцрпување на своите резерви, што отвора ризик од дополнително намалување на бројот на вработени. Бројот на работниците во секторот во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, се намалил за 7.3 проценти, што претставува значителен пад на работната сила во оваа гранка.

Иако земјата располага со значајни минерални ресурси, инвестиции како рудникот за бакар „Иловица-Штука“ сè уште не се реализираат, оставајќи го секторот без нов развоен импулс.

Стручњаците повикуваат на стимулација на рударството

Од друга страна, повеќе инженери и експерти од областа повикуваат да се стимулира оваа крупна индустриска гранка. Тие оценуваат дека проектот за рудник за бакар во Иловица е сериозна инвестиција во македонската економија.

Рударскиот инженер Борче Фиданчев претходно во колумна оцени дека рудникот може да опстојува без да се остварат стравувањата на активистите по однос на влијанието врз земјоделието.

„Може да се заклучи дека со проектот ‘Еуромакс Ресорсис Иловица-Штука’, нема да се загадува плодниот струмички регион, а ќе има услови за паралелен заеднички развој на ‘Земјоделство’ и ‘Модерно-Одговорно Рударство’, како многу важен сегмент за државниот стратешки ‘брз економски одржлив развој’“, заклучи Фиданчев.

Тој оценката ја донесе и врз основа на анализа на компанијата „Фаланкс капитал“, која ги анализира показателите за рударската гранка од 2018 година.

Економски показатели, рударството без субвенции

Според анализата на „Фаланкс капитал“, рударството вработува околу 6.500 луѓе со просечна нето месечна плата од 486 евра – 68 проценти повеќе од земјоделството. Секторот директно учествува со 1,5 проценти (околу 152 милиони евра) во БДП, нето извезува 135 милиони евра метали и плаќа 44 милиони евра во нето придонеси кон буџетот, притоа функционирајќи без субвенции.

Анализата покажува дека земјоделството придонесува околу 6.600 евра годишно по земјоделец, додека рударството е три и пол пати попродуктивно, околу 23.100 евра по вработен.

„Како коефициент рударството има далеку повисок импакт врз економијата бидејќи секое едно евро активност генерира вкупно пет“, се додава во анализата.

Експертите бараат баланс помеѓу економијата и животната средина

Универзитетскиот професор Горан Начевски, претседател на Здружението на металурзи, потенцира дека доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина.

„Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација“, истакна Начевски.

Тој нагласи дека значењето на проектот се огледува во можноста за отворање нови работни местазголемување на извозотприходи во државниот буџетлокален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини.

„Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи“, потенцира Начевски.

Рударството, стратешка гранка за иднината

Според оценките на експертите, предизвикот на државните институции е да се оттргнат од минатото и да се придвижат кон иднината. Со нереализираните инвестиции во рударството, Македонија губи повеќе отколку што добива, а секое подолготрајно статус-кво носи одредена цена.

Проектот „Иловица-Штука“ останува клучен за развојот на секторот, но неговата реализација бара стручна, транспарентна и одговорна дебата, како и институционална поддршка за балансиран развој меѓу економијата и заштитата на животната средина.

error: Содржината е заштитена од копирање !!