Министерката Димитриеска-Кочоска: Раст од 3,8% во 2026 е реален, нема зголемување на даноците
26/12/2025 11:39
Проектираниот реален економски раст од 3,8 проценти за 2026 година е остварлив, а даночните приходи ќе се реализираат согласно планираното, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за месечникот Економија и бизнис.
Според неа, буџетот за 2026 година е изработен внимателно и конзервативно, имајќи ги предвид глобалните економски ризици и фактот дека државата повеќе нема финансиски „бафери“ за справување со евентуални кризи.
Министерката посочи дека претходната влада ги искористила сите расположливи резерви за кризни ситуации, без притоа да ја спроведе неопходната фискална консолидација, за разлика од дел од земјите во регионот. Токму поради тоа, проекциите за наредната година се поставени претпазливо.
Сепак, таа нагласи дека номиналниот БДП во 2025 година ќе биде повисок од очекуваното, што отвора простор во 2026 година за поповолни показатели во однос на јавниот долг и буџетскиот дефицит изразени како процент од БДП.
Во однос на даночната политика, Димитриеска-Кочоска беше децидна дека нема да има зголемување на даноците, бидејќи тоа е дел од предизборното ветување. Наместо тоа, ќе се пристапи кон сеопфатно отворање и прецизирање на даночните и царинските закони, со цел да се отстранат долгогодишни недоречености и неусогласености.
Како пример го наведе Законот за ДДВ, каде, според неа, одредени одредби непроменети уште од 2000 година создаваат правна несигурност и различни толкувања. Во процесот се вклучени и експерти од консултантски куќи, кои секојдневно се соочуваат со практични проблеми во примената на законот.
„Целта е системот да стане појасен и пофер, за да не може да се заобиколува со користење на законски празнини“, истакна министерката, додавајќи дека првиот чекор мора да биде целосна наплата на даноците, а дури потоа евентуална дебата за даночните стапки.
Како клучна алатка за подобрување на состојбата, таа ја посочи дигитализацијата, која, според неа, може значително да го намали неефикасното и нерационално трошење на буџетските средства.
Во интервјуто министерката се осврнува и на реализацијата на капиталните инвестиции, навремената исплата на повратот на ДДВ кон компаниите, како и на спроведувањето на реформите предвидени во Реформската агенда.





