MKinformer

your daily dose of news

Третина од Киев без греење и струја по жесток руски напад, загинаа 11 лица, има и деца меѓу жртвите

27/12/2025 11:51

Речиси една третина од Киев остана без греење, а во делови од градот и без електрична енергија, по масовниот ноќен напад извршен од Русија, соопштија украинските власти. Според официјалните податоци, бројот на загинати се искачи на 11 лица, додека најмалку 22 се повредени, меѓу кои и две деца.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андреј Сибиха, изјави дека нападите претставуваат, како што рече, „единствениот одговор на Русија на мировните напори“, нагласувајќи дека стотици беспилотни летала и ракети биле насочени кон главниот град и други региони.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека осуммина од повредените се хоспитализирани, додека на останатите им е укажана медицинска помош на лице место или амбулантски. Системите за централно греење претрпеле сериозни оштетувања, што дополнително ја влошува состојбата, со оглед на тоа што температурата во градот се движи околу нулата.

Во нападите биле погодени најмалку седум градски области. Во округот Голосеев избувнал пожар, според првичните информации на бензинска пумпа, а остатоци од беспилотни летала паднале во повеќе населени делови. Во округот Вишгород, едно лице било извлечено живо од урнатините на уништена куќа и пренесено во болница.

Украинската воена администрација соопшти дека се оштетени станбени згради, деловни објекти, производствени капацитети и возила, оценувајќи дека станува збор за намерни напади врз цивилна и критична инфраструктура.

Поради ескалацијата, реакција имаше и во соседна Полска. Полските власти привремено ги затворија аеродромите во Жешов и Лублин и подигнаа борбени авиони, со цел да се обезбеди воздушната безбедност, соопшти Полската агенција за воздухопловни услуги.

Во меѓувреме, воздушната тревога и натаму е на сила во Киев и во повеќе украински региони поради постојана закана од балистички ракети, а надлежните служби работат на санација на штетите и обезбедување алтернативни извори на топлина за најранливите категории граѓани.

error: Содржината е заштитена од копирање !!