Костовски: ДУИ и ВЛЕН гласаа против клучни проекти за развој на Општина Бутел
28/12/2025 12:18
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, со јавно обраќање на социјалните мрежи изрази големо разочарување од одлуката на советничките групи на ДУИ и ВЛЕН (ВРЕДИ), кои, како што наведе, гласале против низа капитални и социјални проекти значајни за напредокот и развојот на општината.
Костовски објави дека советниците од овие партии не дале поддршка за продолжување на градењето и реализацијата на повеќе инфраструктурни и образовни проекти, меѓу кои:
-
Нова детска градинка во Бутел 2
-
Изградба на водоводна мрежа во Љуботен
-
Инвестиции од еден милион евра во Скопје Север
-
Фасада на ООУ „Петар Здравсковски Пенко“
-
Нови улици во Љуботен и Визбегово
-
Нов спортски центар кај „Ударници“ во Бутел 1
Дополнително, градоначалникот истакна дека било гласано и против социјални мерки, како што се:
-
5.000 денари парична помош за секое новороденче
-
Финансиска поддршка за ранливи категории граѓани
-
Стипендии за најдобри ученици
-
Стипендии за спортисти
„Не гласаа за развој на општината со изговор дека немало рамномерен развој, а токму проектите што ги набројав се во средини каде што живеат етнички Албанци. Очигледно не можеле ни да замислат дека сето ова ќе стане реалност“, напиша Костовски.
Тој порача дека, според него, ваквите одлуки произлегуваат од политичка слабост и неспособност да се прифати развојот што се случува во општината.
„Пазарење со мене нема. Народот гледа и знае. Им останува само обидот, а не и резултатот“, порача градоначалникот, додавајќи дека Општина Бутел ја очекува најуспешната година досега.






