MKinformer

your daily dose of news

Русија употребила ракета „Орешник“ во синоќешниот напад врз Украина

09/01/2026 9:42

Руското Министерство за одбрана го објави првото официјално соопштение по синоќешниот масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Украина. Според Москва, бил извршен, како што наведуваат, „високопрецизен удар со долг дострел“, во кој за првпат официјално се споменува употреба на ракетата со среден дострел „Орешник“.

Во соопштението се тврди дека нападот бил одговор на, како што Русија го квалификува, „терористички напад на киевскиот режим“ врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород, кој наводно се случил ноќта на 29 декември 2025 година.

Според руското Министерство за одбрана, руските сили во текот на ноќта употребиле високопрецизно оружје со долг дострел од копно и море, вклучувајќи го и мобилниот ракетен систем „Орешник“, како и напади со беспилотни летала врз, како што велат, клучни воени и енергетски објекти во Украина.

Ракетата летала со 13.000 км/ч

„Целите на ударот се постигнати“, се наведува во соопштението. Меѓу целите, според руските тврдења, биле капацитети за производство на беспилотни летала, за кои Москва вели дека биле користени во наводниот напад врз резиденцијата на Путин, како и делови од енергетската инфраструктура што ја поддржува работата на украинскиот воено-индустриски комплекс.

Украинските власти сè уште официјално не потврдија дека нападот врз западниот град Лвов бил извршен со ракетата „Орешник“, но украинската војска соопшти дека една од ракетите детектирани за време на нападот се движела со брзина од околу 13.000 километри на час.

Од Украина повторно ги отфрлија обвинувањата дека некогаш извршиле напад врз резиденцијата на рускиот претседател. Тврдењата на Москва беа демантирани и од повеќето земји членки на НАТО, како и од Соединети Американски Држави, кои наведуваат дека нема докази дека таков напад воопшто се случил.

error: Содржината е заштитена од копирање !!